Украинските власти тврдат дека нивните сили го убиле заменик-командантот на руската Црноморска флота, со што им задале нов удар на силите на Владимир Путин.

Капетанот од прв ранг Андреј Палиј (51) е единствениот висок поморски офицер кој наводно бил убиен во војната во Украина.

Киев тврди дека убиле пет воени генерали.

Во објавата на Твитер била напишана шокантна порака: „Заменик-командантот на руската црноморска флота Андреј Палиј не се враќа дома од Украина“.

Украинците тврдат дека генерал-мајор Олег Митјаев (47), командант на 150-та моторизирана дивизија на армијата, бил убиен во борбите околу опколениот град Мариупол, генерал-мајор Виталиј Герасимов (45) бил убиен на 7 март во близина на источниот град Харков а во борбите на 11 март загинал полковникот Андреј Колесников, командант на гардиската тенковска дивизија Кантемиров.

Веста за смртта на поморскиот офицер се појави откако Русија втор ден по ред истрела хиперсоничен проектил на украинска територија, а во моментот кога опколениот Мариупол беше под силен оган.

Руското Министерство за одбрана не ги коментираше информациите за загинатите офицери, но наведе дека нивните проектили го погодиле објектот за обука на странски борци, при што загинале повеќе од 100 припадници на специјалните сили и платеници.