„Ако градите еден европски фронт или имате желба за градење европски блок и го базирате на наше наспроти руско влијание или НАТО и запад наспроти руско влијание, не може да долевате масло на национализмот. Тоа не носи никому добро“ рече вицепремиерот Бојан Маричиќ на прес-конференцијата со молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов запрашан за засилената реторика на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека агендата на СДСМ не е националистичка и е за европска Македонија, за уважување на сите граѓани, без делби и тензии.

„Делбите и тензиите бевме сигурно дека се дел од минатото и сакаме да бидат дел од минатото. Секој политички актер и фактор мора да внимава на чувствата на граѓаните. Ние како СДСМ ќе инсистираме на почитување на македонскиот јазик и тоа сме го правеле и ќе го правиме, како и почитување на еднаквоста на сите заедници“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека тоа е концептот што ја вадел државата од кризи, а концептот на кревање на национализмот и во минатото бил присутен, од истите актери и секогаш завршувал на штета на државата и граѓаните.

„Ако сакаме да градиме европски блок на партии ќе мора да се посветиме на реформите, на грешките кои ги има во секој двор, но за жал ВМРО-ДПМНЕ не најде сила да се извини или покаже жалење“ рече Маричиќ.