Одговарајќи на новинарски прашања за резултатот од првиот круг, првиот вицепремиер во Владата и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ рече дека партијата и порано се справувала со слични предизвици но дека секогаш наоѓала сила и начин да се консолидира.

„Мислам дека е јасно дека на 8мај ќе треба да имаме силен СДСМ, посилен од ова што го имаме и видовме во првиот круг, затоа што без тоа на Македонија и се заканува еден огромен популистички и националистички виор кој што не знаеме каде може да не однесе. Имавме шанса 11 години да го почувствуваме тој виор, имавме шанса во овие 7 години на оваа владина коалиција да направиме многу достигнувања, да направиме и многу грешки. Но мислам дека она што е јасно е дека СДСМ и нашето раководство и нашето членство не се бори за опстанок на власт, не се бори по секоја цена да ја формира Владата, се бори за принципите и политиките во кои што веруваме и од кои нема да се откажеме“ порача Маричиќ.

Тој додаде дека СДСМ продолжува да биде меѓу граѓаните, но и да работи на надминување на грешките.

„Јас сум сигурен дека во остатокот од кампањата ќе допреме до секој граѓанин, до секој наш член во партијата и поддржувач за да ги увериме дека колку е посилен СДСМ од овој прв круг што го видовме толку е подобро тоа за државата, со јасни уверувања дека ниту една од ние крупни грешки за кои сме политички санкционирани, нема да биде повторена. Ќе работиме на нивно надминување. Тоа не е едноставен процес, но мислам на повеќе граѓани им е јасно дека СДСМ е политичката сила која може да ја продолжи оваа приказна и овој процес. Приказната за европска Македонија, приказната дека одиме на вистински пат и приказната дека во следните четири години треба да преговараме со ЕУ а не со Бугарија“ порача тој.