Прес-конференција на СДСМ , Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеничка:
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата го поднесе законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со којшто предвидуваме воведување на две нови државни награди.
Овој закон предвидува воведување на Државна награда „Блаже Конески“ и Државна награда „Ремзи Несими“.
Советот за македонски јазик, со иницијатива доставена до Владата во 2019 година, предложи да се воспостави нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и во странство, за која се предлага да го носи името „Блаже Конески“, кој е основач на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач.
Значењето на „Блаже Конески“ е непроценливо и сестрано: тој е прв претседател на Друштвото на писатели на Република Македонија, претседател на Друштвото на писатели на Југославија, член на првата генерација академици и прв претседател на МАНУ во два мандата, колку да напоменеме некои од неговите достигнувања.
Исто така, со иницијатива на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, се предлага да се воспостави нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава, за која се предлага да го носи името „Ремзи Несими“, кој е лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правопис на албанскиот јазик во 1972 година.
Ремзи Несими е истакнат лингвист, просветител и универзитетски професор со богата научна и образовна кариера и со врвни заслуги за албанологијата во Северна Македонија, но и за едукација на голем број филозофи во земјава.
Тој е единствен делегат од Македонија кој на Конгресот за правопис на албанскиот јазик, одржан во периодот од 20 до 25 ноември 1972 година, учествувал со научна тема и е потписник на Резолуцијата за албанскиот правопис.
Почитуван од сите албанолози во земјава и во светот, сè до неговата смрт бил референца за секое прашање поврзано со албанскиот стандарден јазик.
Линк до видеото : https://youtu.be/A3LaGbc8Nvs?si=6oj6G6P-fbPEhA6I
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...