Бројот на загинати во поплавите и свлечиштата во источниот дел на Демократска Република Конго се искачи на речиси 400, изјави во неделата официјален претставник на администрацијата.

Најмалку 394 тела се извлечени по минатонеделните поплави, изјави Томас Бакенга, администратор на територијата Калехе каде се наоѓаат погодените села. Тој во саботата објави дека најмалку 203 лица загинале.

Обилните врнежи во четвртокот во регионот Калехе во провинцијата Јужен Киву предизвикаа излевање на реките, предизвикувајќи лизгање на земјиштето што ги зафати селата Бушушу и Нјамукуби. Падините на ридовите попуштија и кај Нјамукуби, каде што се одржуваше неделниот пазар во четвртокот, рече Бакенга.

– Сега имаме повеќе од 390 пронајдени тела – изјави тој за АФП по телефон во неделата.

Тој додаде дека 142 тела биле откриени во Бушуш, 132 во Нјамукуби и 120 биле пронајдени како лебдат на езерото Киву во близина на Иџви, остров среде големо вулканско езеро.

– Од четвртокот секоја минута наоѓаме тела и ги закопуваме – изјави Бакенга.