Арктичкиот воздух кој циркулира низ Русија и Украина во комбинација со источниот ветер во наредните денови може да ги спушти ноќните температури во Киев и Харков до минус 10 степени Целзиусови.

А чувството на студ поради налетот на ветрот може да биде и до минус 20.

Аналитичарите велат дека тоа би можело да ја искомплицира руската специјална операција во Украина, особено оние кои се заглавени во колона запрени возила северно од главниот град на Украина.

„Тоа многу ќе влијае на оние кои долго ќе останат во конвои, најмногу ќе настрадаат руските војници оставени на патиштата“, изјави украински извор за Тајмс.

„Температурите од минус 20 ќе ги деградираат руските сили, без сомнение. Студот ќе ја подобри мобилноста низ земјата бидејќи ќе има помалку кал, но Русите не се подготвени за условите на Арктикот. Нападите врз градовите без соодветна облека ќе бидат неверојатно тешки. И недостигот на гориво и соодветни масла и мазива ќе им отежне на војниците да ги палат моторите во возилата за да се загреат“, рече изворот.

„Замислете цела ноќ да седите во железен замрзнувач од 40 тони“, рекол мајорот Кевин Прајс, кој служел во британската армија 20 години.

Тој додава дека лошото време дополнително ќе го поткопа моралот на Русија и ќе нанесе нови жртви.

„Ова не е одлучувачки фактор, но развојот на настаните е многу непожелен за руските команданти“, рече Прајс.