Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, го пречека претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, на платото пред Владата на Република Северна Македонија, со официјална церемонија на највисоки државни и воени почести.

Во официјалната посета на нашата земја, хрватскиот премиер Пленковиќ го придружуваат министерот за економија и одржлив развој на Република Хрватска, Давор Филиповиќ и пратеничката во хрватското Собрание за албанско, босанско, црногорско, македонско и словенско малцинство во Република Хрватска, г-ѓа Ермина Лекај Прљаскај.

Премиерот Ковачевски ќе оствари тет-а-тет средба со премиерот Пленковиќ, потоа е предвидена билатерална средба на двете делегации, по што ќе следува заедничка прес-конференција.

Премиерот Ковачевски е предвидено да присуствува и на обраќањето на хрватскиот премиер Пленковиќ, пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.