„Нашето докажано партнерство, особено во областа на сообраќајната превенција, преку развојот на сообраќајната култура, на сообраќајната едукација, но и на подобрување на нормативните и стручни механизми за поквалитетни безбедносни стандарди во сообраќајот е навистина еден крајно позитивен и важен пример за тоа како меѓуинституционалната соработка може и треба да се реализира и развива во интерес на сите учесници во сообраќајот. Денешниов настан – примопредавањето на десетте возила набавени од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – за потребите на полициските служби при МВР, всушност, е уште еден од мноштвото докази за заедничкиот, и пред сѐ, партнерски однос што нашиве две институции го имаат изградено и го негуваат со децении наназад во сферата на сообраќајната безбедност“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на опремата наменета за потребите на сообраќајната полиција од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Со крајна цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет секоја година 30% од своите средства ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во МВР за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата во земјава. Согласно таа законска обврска, РСБСП оваа година обезбеди 10 возила „дачија сандеро“ за сообраќајната полиција.

„Минатата 2021 година заврши како година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот. Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, и тоа во првите три месеци од 2022 година статистиката бележи 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28, а во месец април 2022 имаме четири жртви, за разлика од април 2021 кога имало 12“, се осврна министерот Спасовски на постигнатите резултати во сообраќајната безбедност.

Тој истакна дека соработката меѓу двете институции за градење и унапредување на безбедносните стандарди продолжува интензивно и во иднина, со крајна цел значајно елминирање на причините, а со тоа и последиците од сообраќајните несреќи.

Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска потенцираше дека МВР и РСБСП се неделиви во планирањето и реализацијата на голем број активности во делот на безбедноста во сообраќајот.

„Соработката помеѓу РСБСП и МВР е наша законска обврска и заедничка цел. Искуството од минатите години покажа дека РСБСП и МВР претставуваат пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка која ќе продолжи и понатаму. Ваквите активности, надополнети со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција, придонесоа за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и ваквиот пристап и позитивен пример ќе продолжиме да го одржуваме и надградуваме и во идниот период“, истакна Кожуваровска.

Таа предочи дека примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените сообраќајни контроли.