„Ова беше прва посета на премиерот Ковачевски на Брисел. Впечатокот е крајно позитивен. Ние ги претставивме нашите приоритети и потврдивме дека остануваме посветени на реформите и на дијалогот со Бугарија“ кажа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „360 степени“ на Алсат.

Тој додаде дека она што радува е високото ниво на заинтересираност од сите европски институции за дијалогот со Бугарија, за нашите намери, како и за следните чекори.

„Сите очекуваат брза динамика во која ќе се дискутираат отворените прашања, ќе се бараат решенија и ќе ги држиме во тек европските институции и државите членки за разговорите. Добро е што претставеното од наша, како и од бугарска страна коинцидира во информациите“ кажа Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека резултатите од работните групи, од координацијата меѓу министерствата за надворешни работи и премиерите се очекува да дадат патоказ што ќе биде водилка за односите меѓу двете земји во наредниот период.