Речиси сите угостители бараат лична карта за точење алкохол, со цел проверка дали лицето е малолетно или не. Слична е праксата и со ноќните клубови, каде што лична карта е потребна за влез со цел да се провери староста на гостите. Сега, кога Владата донесе одлука да се проверува вакциналниот статус на гостите во угостителските објекти, од Независната Угоститлеска Комора одбиваат да го прават тоа со објаснување дека било повреда на личните податоци.

Според одлуката на Владата од 16 август посетителите на угостителски објекти и настани ќе треба да покажат потврда за извршена имунизација со најмалку прва доза. Оваа одредба важи за полнолетните лица при посета на угостителски објекти и прослави, концерти, семинари, обуки, работилници, конференции, културни или спортски настани со над 30 лица.

Проблем со оваа мерка пројавија угостителите, кои одбиваат да ги проверуваат сертификатите на гостите, објаснувајќи дека со тоа се повредувала заштитата на личните податоци. Сепак, долгогодишна пракса е во угостителските објекти да се проверува лична карта за точење алкохол, како и за влез во ноќни клубови.

Дека проверката на сертификатот за имунизација не го повредува законот за заштита на лични податоци потврди и Агенцијата за заштита на личните податоци. Како што соопштија тие доколку се врши само визуелна проверка на сертификатите за вакцинација при влез во угостителски објект, семинар, веселба, културен или спортски настан, нема повреда на Законот за заштита на личните податоци и следствено не претставува злоупотреба на личните податоци.