„Нема поважен сектор од енергетиката, освен здравството, а регионот на Западен Балкан треба подобро да се поврзи со преносни системи, да се изградат гасни интерконектори и нафтоводи“ изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ на регионалната Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан.

Тој додаде дека потребни се реформи и модернизација на енергетскиот сектор во регионот, бидејќи сега се користи старомоден пристап и стари технологии.

„Норвешките пријатели се од голема помош и имаат краткорочни, среднорочни и долгорочни предлози за енергетскиот сектор. Мораме што побрзо да ги направиме реформите и инвестиции, во спротивно ќе се соочиме со катастрофа. Мораме во енергетскиот сектор да вложиме во наредните 10 до 20 години помеѓу 17 и 33 милијарди евра“ рече Вучиќ.

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски на конференцијата истакна дека ваквите средби со инвеститорите од Норвешка, но и актуелната енергетска криза претставуваат можност да се искористат ресурсите од зелена енергија со кои располагаме ние земјите од Балканот, но истовремено и одлична можност целиот регион да се развива како нова енергетска сила.