Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, одобри владин буџет кој вклучува 13,6 милијарди долари за помош на Украина.

Станува збор за предлог-буџет кој претходно беше усвоен во двата дома на американскиот Конгрес и со поддршка и од демократите и од републиканците, а Бајден вечерва во Белата куќа го потпиша и одобри тој документ. Во говорот пред потпишувањето на документот, Бајден истакна дека фондот ќе и помогне на Украина и на соседните земји погодени од последиците од војната во Украина.

Потсетувајќи дека минатата година ѝ беа дадени 1,2 милијарди долари одбранбена помош на Украина, Бајден рече дека САД ќе ја зголемат таа помош и дека утре ќе зборува подетално за тој план.

– Оваа војна направи речиси три милиони Украинци бегалци и нивниот број од ден на ден се зголемува. Во моментов, 12 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош. Го мобилизираме целиот свет за хуманитарна помош – рече Бајден.

Тој додаде дека Соединетите Држави ќе обезбедат милијарди долари помош за Украина, особено во одбранбениот и хуманитарниот сектор.

– Со оваа помош ќе се обидеме да ги залечиме раните нанесени од војната на Путин на народите во Украина и регионот – рече Бајден.

Истовремено, во предлог-буџетот со кој ќе се финансира американската влада до 30 септември, одобрен е фонд од една милијарда долари за обнова на израелскиот систем за противракетна одбрана „Челична купола“.

Фото/видео: Whitehouse.gov/youtube