Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го пушти во употреба вториот дел од приземјето од реконструираното Одделение за управни работи – Скопје, сместено во зградата на МТВ.

Со завршувањето на оваа фаза, целосно е ставена во функција нова, модерно опремена шалтер сала со над 10 шалтерски позиции, како и дополнителни канцеларии за вработените, санитарни јазли и кујна, но и посебен простор за чување и складирање на досиеја и материјали од трајна вредност.

Во почетниот период, во рамки на новата шалтер сала ќе се обезбедуваат услуги поврзани со постапките од областа на возилата, вклучително и шалтер „Безбеден град“, наменет за проверка и ажурирање на контакт податоците на граѓаните, со план за понатамошно проширување на услугите согласно потребите.

„Со завршувањето на оваа фаза, во функција ставаме современа шалтер сала која ќе овозможи побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги за граѓаните, но и значително подобри услови за работа на вработените. Продолжуваме со јакнење на капацитетите на Министерството и модернизација на услугите што ги обезбедуваме“, истакна министерот Тошковски.

Во текот на изминатата година, Министерството веќе пушти во употреба осум нови канцеларии на управни служби низ државата, со што значителен дел од граѓаните добија пристап до побрзи и подостапни услуги кои претходно не им биле достапни.

Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе продолжи со инвестиции во инфраструктурата и човечките ресурси, со цел унапредување на квалитетот на услугите и создавање поефикасна и граѓански ориентирана администрација.