Економиите на Западен Балкан се движат кон умерено забрзување на растот, но административните и регулаторните пречки продолжуваат да ја ограничуваат конкурентноста на компаниите. Според најновиот регионален економски извештај на Светската банка, растот на регионот за 2026 година се проценува на 3,1 процент, во споредба со 2,6 проценти во 2025 година.

За Македонија се предвидува економски раст од 3,2 проценти во 2026 година. Светската банка проценува дека регионалниот раст би можел да достигне 3,4 проценти во 2027 и 2028 година. Сепак, домашната потрошувачка и инвестициите остануваат главните двигатели, додека нето-извозот има негативен придонес во економската активност.

Посебен проблем претставуваат нетарифните бариери, како различните технички стандарди, инспекциски процедури и барања за сертификација. Според анализата, само околу една третина од новите извозни врски опстојуваат по првата година. Ова покажува дека за компаниите не е доволно само да добијат пристап до странски пазар, туку им се потребни услови за долгорочно задржување на него.