На граничниот премин Ќафасан денеска беше промовиран системот „One Stop“ за заедничка гранична контрола меѓу Македонија и Албанија, во присуство на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, и албанскиот премиер, Еди Рама.

Со воведувањето на овој систем се заокружува процесот на воспоставување заеднички гранични контроли со соседните држави кои не се дел од Шенген-зоната, по успешната имплементација на моделот „One Stop“ со Република Србија и Република Косово.

Станува збор за значаен чекор во модернизацијата на граничното управување, кој овозможува поедноставени процедури, побрз проток на патници и возила и намалување на времето на чекање на граничните премини, без притоа да се намалат безбедносните стандарди и контролите.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека воспоставувањето на системот „One Stop“ со Албанија претставува исполнување на уште еден важен приоритет на Министерството за внатрешни работи, насочен кон олеснување на движењето на граѓаните и унапредување на регионалната поврзаност.

„Со воведувањето на системот ‘One Stop’ со Република Албанија го заокружуваме она што го започнавме со Србија и Косово – воспоставување современ модел на заеднички гранични контроли со сите наши соседи надвор од Шенген-зоната. Нашата цел е едноставна: граѓаните да поминуваат побрзо, да нема непотребни задржувања, а граничните служби да работат поефикасно и покоординирано. Границите треба да бидат безбедни, но истовремено и функционални, особено во време кога мобилноста на граѓаните, туризмот и економската соработка постојано се зголемуваат“, истакна Тошковски.

Дека ваквиот модел дава конкретни резултати покажува и досегашното искуство со Република Србија. На граничниот премин Табановце, каде што системот „One Stop“ беше воведен во јули 2025 година, времето на чекање во одредени периоди е намалено од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемувањето на бројот на патници за 15 до 20 проценти.

Позитивните искуства од заедничките контроли со Србија, како и од граничните премини Блаце – Хани и Елезит и Јажинце – Глобочица со Република Косово, претставуваат основа за натамошно унапредување на граничното управување и со Република Албанија.

Со новиот систем на Ќафасан се овозможува координирано спроведување на граничните проверки на едно место, со што се избегнува непотребното повторување на процедурите и се создаваат услови за побрз и поефикасен премин на границата.

Ова е особено значајно за граѓаните на двете држави, за туристите и за превозниците, имајќи го предвид интензивниот сообраќај на овој граничен премин, особено во летната туристичка сезона. Покрај олеснувањето на патувањето, системот придонесува и за подобра координација меѓу граничните служби, поефикасна размена на информации и зајакнување на прекуграничната соработка.

Министерството за внатрешни работи продолжува со активности за модернизација на граничните премини, дигитализација на процедурите и унапредување на соработката со соседните држави, со цел обезбедување побрз проток на патници и стоки, повисоко ниво на безбедност и подобри услуги за граѓаните.

Воведувањето на „One Stop“ со Албанија е уште еден конкретен резултат на регионалната соработка и потврда дека со заеднички решенија границите можат да станат побрзи, поефикасни и побезбедни.