Европските работодавачи сè поголемо значење им придаваат на практичните способности на кандидатите за работа, покрај формалното образование и универзитетските дипломи. Според анализа на Euronews Business, заснована на податоци и експертски согледувања од Организацијата за економска соработка и развој, пазарот на трудот постепено се насочува кон процена на докажаните вештини.
Експертите нагласуваат дека овој пристап не значи целосно напуштање на дипломите. Во медицината, правото и други регулирани професии формалните квалификации остануваат неопходни, но во многу други сектори работното искуство, практичните задачи и дополнителните обуки добиваат поголема тежина.
Промените се поврзани со дигитализацијата, вештачката интелигенција и недостигот од квалификувана работна сила. За кандидатите тоа значи дека континуираното усовршување и способноста да покажат конкретни резултати стануваат сè поважни при конкурирање за работа.