Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска во Собранието на Република Северна Македонија имаше средба со престедателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски, на која се разговараше за потребата што е можно побрзо пратениците да го усвојат Предлог – законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование.

На состанокот покрај претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Жаклина Лазаревска како и други пратеници од СДСМ и Коалицијата, присуствуваа и претставници од Прогресивниот синдикат во образованието предводен од претседателот Влатко Секуловски, заедно со Владо Димовски, Фитим Аџами и Јован Шапе.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата Митрески истакна дека пратениците имаат обврска да излезат во пресрет на барањата на просветните работници кои од април 2021 година чекаат овој закон да биде усвоен.

„Ова законско решение, меѓудругото, предвидува две значајни придобивки за просветните работници а тоа е усогласување на вредноста на бодот со минималната плата, што значи повисоки плати. Од друга страна обезбедува трансформација на работниот однос за над 4.700 настанвици и стручни соработници на неопределено време. Во тој контекст недозволиво е опозицијата со беспредметни процедурални забелешки и спротивно на Деловникот на Собранието да ја блокира постапката за донесување на овој закон“, оцени Митревски.

Претседателот на ССМ Димовски, пред сѐ ја искористи можноста да се заблагодари на пратениците за усвојување на Законот за минималната плата, со што минималната плата се покачи на 18.000 денари, но и за новиот критериум со кој минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од висината на просечната плата.

„Во однос на Предлог законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование даваме силна поддршка на овој закон, кој обезбедува социјална и сигурна иднина за просветните работници. Недозволиво е да се блокира закон кој значи регулирање на работниот однос на луѓе кои и по 20 години работат на определено време“, нагласи Димовски.

Претседателот на Прогресивниот синдикат во образованието Секуловски оцени дека Предлог-законот е добар и со него ќе се исправи голема неправда.

На состанокот кој е свикан по барање на Синдикатот, беше нагласено дека со растот на минималната плата ќе се обезбеди скалесто покачување на платите согласно Колективните договори и законите и согласно економските можности.