На Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ, која се одржува денес и утре на Брдо при Крањ, Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари билатерална средба со претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич.

На средбата беа топло поздравени пријателските и континуирано одлични односи со Република Словенија и беше искажана особена благодарност од страна на претседателот Џафери до неговиот колега за поканата да биде воведен говорник на вториот панел и за учеството на оваа конференција. Тој го информира претседателот Зорчич за актуелните случувања во Република Северна Македонија, со посебен акцент на односите со Република Бугарија и чекорите преземени од државните институции, вклучително и од страна на Собранието, во однос на Украина. Во тој контекст, претседателот Џафери апелираше за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија и Република Албанија, кои ги исполнија условите за почеток на преговори со Европската Унија, а отворените прашања да се решаваат етапно во текот на преговорите. Овој апел беше во насока на спречување на понатамошниот пад на довербата кај граѓаните во Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и пробив на трети страни во општествено-политичкиот живот на земјата. Претседателот Џафери исто така го информираше и за усвоената Декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со огромна поддршка од скоро сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, информираат од кабинетот на Џафери.

Претседателот Зорчиќ го поздрави единството на Европската Унија и брзата реакција на земјите од Западен Балкан во однос на случувањата во Украина, особено целосната усогласеност на Република Северна Македонија со позициите на надворешната и безбедносна политика на Унијата. Како претседател на доскоро земја која претседаваше со Советот на Европската Унија, тој нагласи дека и покрај разликите кои постојат меѓу земјите во Унијата и нивните видувања околу одредени теми, општа е согласноста дека процесот на проширување мора да се придвижи напред со забрзано темпо и да им се овозможи на земјите од Балканот да напредуваат на тој пат.

На крајот изрази надеж дека Конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ ќе има успешен завршеток и дека пораките кои ќе бидат упатени од истата ќе придонесат за пообединета, позајакната и посилна Европска унија.