Во мандатот што го завршивме бевме конструктивни и обединети по многу прашања од јавен интерес. Во историјата на овој совет ќе остане запаметено прогласувањето на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, издвојувањето средства за концертно пијано, поддршката на ГФК „Осогово“, реконструкцијата на коловозот и тротоарот на „Тодосија Паунов“, ескпропријацијата на „Ленинова“, соработката со УНДП во проектот „Зајакнување на општинските совети“, во чии рамки беше обезбедена видеоопрема за Советот и беше реконструирано игралиштето во ОУ „Малина Попиванова“.

Работата на Советот ќе остане запаметена по компактноста, затоа што опозицијата немаше инструменти против настојчивоста, одговорноста и посветеноста на градоначалникот и извршната локална власт. Навистина, имаше и моменти кога опозиционерите се жестеа на одредени прашања, но за политичкото ривалство и нема подобар терен од советничката говорница.

Очекувам во наредниот период да продолжиме да го подобруваме квалитетот на животот во Кочани, да внесуваме нови сообраќајни решенија за урбана мобилност, одлуки за изградба на катна гаража, за комплексно уредување на централното градско подрачје, да бидеме сведоци за новото парковско озеленување на Локубија! Кочани да биде современа средина со урбан лик!