Околу 2,5 милиони денари од годинешниот буџет одвои Министерството за образование и наука за набавка на ново концертно пијано за потребите на учениците и наставниците од Државниот музичко – балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Концертното пијано е од висока класа и ќе овозможи значително унапредување на практичната настава за учениците, како и поквалитетна организација на честите концертни манифестации во рамки на училиштето.

Новиот музички инструмент беше претставен на традиционалниот новогодишен концерт кој го организира музичко балетскиот училишен центар, а на промоцијата, присуствуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска, која доби благодарница за придонес кон развојот и поголема промоција на училиштето.

Музичкиот инструмент е набавен по цели 15 години откако се случила последната инвестиција во набавка на опрема за потребите на ова училиште.