Наша цел е градење на општество засновано на знаења и затоа треба да ги интензивираме заложбите за унапредувањето на квалитетот на високообразовниот систем во државата. Во постигнувањето на оваа цел високи се нашите очекувања од Одборот за евалуација на високото образование, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната средба со претседателката и потпретседателката на Одборот, проф. д-р Марина Митревска и проф. д-р Јетмире Јакупи-Алимани.

„Јасно е дека нé чека многу работа. Се уште немаме високообразовна установа ниту во најдобрите 1000 универзитети во светот, на некоја од познатите ранг листи. Затоа насочено треба да делуваме на обезбедување, развој и унапредување на квалитетот на високото образование“, нагласи министерот Шаќири.

Евалуацијата е еден од инструментите за поттикнување на високообразовните установи повеќе да се заложат за да ја подигнат конкурентноста, да понудат поквалитетни, атрактивни студиски програми, повеќе да ја развиваат научно – истражувачката дејност како и да водат поголема грижа за студентите.

Само преку градење на меѓуинституционална соработка, размена на искуства, идеи и предлози можеме да градиме квалитетни високообразовни установи, со атрактивна понуда на студиски програми не само за домашните, туку и за странските студенти, се согласија соговорниците.