Градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, уште во првите месеци од мандатот покажува неодговорен и нечесен однос кон граѓаните на Скопје, обвини на денешната прес-конференција, Стефан Васев од СДСМ.

Како што рече тој, скандалозен е последниот потег на Арсовска да го прекине проектот Бас Рапид Транзит (БРТ), кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој.

„Три години се работеше овој револуционерен проект кој има за цел да внесе нов систем на ефикасен и еколошки јавен превоз во главниот град. Многу важен за скопјани.

Со средства од ЕБОР и со средства од градскиот буџет, направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство, како и проект за првата траса.

Беше потпишан и Договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ системот.

Сега, заради лични хирови, Арсовска го укинува овој проект кој што веќе е во процес на реализација и од висок интерес на скопјани“, истакна Васев обвинувајќи дека скопската градоначалничка работи по инструкции од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.