Рускиот претседател Владимир Путин во средата предупреди на какво било мешање во војната со Украина, велејќи дека одговорот ќе биде „молскавично брз“.

Говорејќи на состанокот во Санкт Петербург, Путин повтори дека „сите цели на руската специјална воена операција во Украина ќе бидат спроведени“.

Тој вети брз одговор на „неприфатливата закана“ за Русија.

„Ако некој сака да се меша во ситуацијата во Украина однадвор и да создаде неприфатлива закана од стратешка природа за Русија, одговорот ќе биде брз, одлуките за тоа се донесени“, предупреди Путин.

Тој додаде дека Русија продолжува да бара начини да ги надмине западните санкции и ќе одговори на ограничувањата и обидите да се изолира Москва со „поголема отвореност за претприемништвото“.

Путин, исто така, рече дека украинските саботери подготвуваат провокации против руските новинари и дека во Русија користат „методи за убивање новинари на улиците што беа вообичаени во Украина“.

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации објави дека најмалку 2.787 цивили се убиени, а 3.152 се ранети откако Русија започна војна против Украина на 24 февруари, стравувајќи дека вистинската бројка е многу поголема.

Досега, 7,7 милиони луѓе во Украина се внатрешно раселени, а повеќе од 5,3 милиони побегнале во други земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.