На 27.10.2022 во 21.50 часот кај индустриската зона во Валандово, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Стар Дојран ги лишиле од слобода В.Р.(22), А.Д.(24), Г.А.(23), Ф.Г.(23) и Л.Р.(20), сите од Косово затоа што со три патнички возила „фолксваген голф“ со косовски национални ознаки превезувале 10 лица мигранти од Авганистан, од кои пет мажи, две жени и три малолетници.

Околу 21.30 часот на стариот пат Стојаково – Богданци, полициските службеници забележале дека во возилата кои ги управувале А.Д. и Г.А. влегуваат лица мигранти, додека возилото кое го управувал В.Р., а сопатници биле Ф.Г. и Л.Р., било претходница. Тие не застанале на знак за запирање и набргу ги истовариле мигрантите од возилата, но по преземени мерки возилата биле запрени, а мигрантите биле пронајдени.

За настанот е известен Јавен обвинител, а мигрантите биле спроведени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.