Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Тања Фајон, вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Република Словенија, која престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата беше изразено задоволство од одличните билатерални односи и беше истакната посветеноста за натамошно јакнење на партнерството и унапредување на пријателството.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за силната словенечка поддршка за македонските интеграции во Европската Унија. Соговорниците споделија мислења и информации за извештајот на Европската комисија и оценија дека тој е јасен патоказ за понатамошно спроведување на домашните реформи.

На средбата се разговараше и за предизвиците од енергетската и економска криза, војната во Украина, како и регионалната соработка, европската и евроатлантската перспектива на Западен Балкан.