Неколку портали го пренесоа ФБ статусот на секретарката на Левица, Јована Мојсоска, која тврди дека Законот за потрошувачи е прошверцуван „без отворање дискусија во јавноста“. Порталите во наслов тврдат дека тоа било „газење на македонскиот јазик“, иако тоа не е напишано во статусот на Мојсоска.

Повеќе портали го пренесоа и ФБ статусот на пратеникот на Левица, Борислав Крмов од 7.12.2022, кој тврди: „Додека Али ни мафта со македонското знаме за полесно да голтнеме отварање на Уставот, ДУИ ни воведуваат неуставна двојазичност во стопанството, па сега и дуќан во Берово или Струмица ќе мора да биде двојазичен или ќе биде казнет“.

Но, тврдењата на Крмов се манипулативни, затоа што наведуваат на помисла дека со Законот за потрошувачи се воведува двојазичност во усмената комуникација во стопанството и во дуќаните, а и пошироко во стопанството, што не е точно.

Во законот се предвидува информациите за производите и документите да бидат и „на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“.

Исто така, неточно е дека Законот бил прошверцуван „без отворање дискусија во јавноста“. Седниците на Собранието се пренесуваат јавно и на 11.2022 имало расправа за Законот за потрошувачи, на која пратениците на Левица не зеле збор. И кога се гласало за Законот на 3.11.2022, ЗА гласале 61 пратеник, а ниту еден не бил против ниту воздржан, иако пратениците од Левица биле регистрирани како присутни.

Невистина е и дека законот е воведен од ДУИ. За законот гласале и пратеници од АА, Алтернатива, ДПА, Демократска партија на Турците на Македонија, Српска странка на Македонија, од СДСМ, ЛДП, НСДП, ДОМ, Демократски сојуз, Партија на пензионери, ВМРО – народна партија и независни пратеници.

И пред законот, повеќето декларации и упатства за производите беа објавувани на повеќе јазици. Во корист на производителите и трговците, а и на потрошувачите е информациите за производите да бидат достапни на што повеќе јазици. И по овој закон, никој не ги спречува производителите да ги информираат потрошувачите на сите јазици што се употребуваат во земјава, а и на други јазици, а не само двојазично, на македонски и на албански јазик.

Затоа, тврдењата дека со Законот за потрошувачи се воведува „двојазичност во стопанството“ ги оценуваме како манипулации и спинови, кои може да поттикнат меѓуетничка нетрпеливост и да предизвикаат штета во меѓуетничките односи.

(Извор:ИМА)