Денеска во Собранието, се одржа 14. Пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир на тема „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во обликувањето и донесувањето политики за иднината“.
На настанот свои обраќања имаа, Африм Гаши, Претседател на македонското Собрание; Тимчо Муцунски, Министер за надворешни работи и трговија; Ахмед бин Мохамед Алџарван, претседател на Глобалниот совет за толеранција и мир; Џангранг Епаинете Сенде, претседател на Меѓународниот парламент за толеранција и мир.
Во рамки на настанот посветен на промоцијата на мирот, толеранцијата и меѓусебното разбирање, претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека Камениот мост во Скопје претставува симбол на поврзувањето и градењето мостови меѓу луѓето, народите и заедниците. Тој нагласи дека толеранцијата и мирот се темелни граѓански вредности и дека со потпишувањето на декларацијата се потврдува заложбата за нивно понатамошно унапредување. Во своето обраќање посочи и на одговорноста што ја имаат пратениците ширум светот во зачувувањето на стабилноста и мирот на глобално ниво.
Муцунски, ја нагласи значајната улога на парламентите во промовирањето на мирот и толеранцијата. Тој посочи дека парламентите претставуваат домови на демократијата, каде што се разменуваат различни идеи и се носат одлуки што ја обликуваат иднината на државите. Според него, токму преку парламентарниот дијалог се испраќа порака дека несогласувањата не мора да водат кон непријателство. Муцунски истакна дека ние сме пример за соживот меѓу различни етнички, верски и културни заедници, при што различностите се препознаваат како богатство на општеството
Мохамед Алџарван, во своето обраќање се осврна на историските предизвици со кои се соочувала Југоисточна Европа. Тој оцени дека, и покрај бројните несогласувања и препреки во изминатите децении, земјите од Западен Балкан покажале дека помирувањето е можно и достижно. Алџарван нагласи дека парламентите имаат особено важна улога во негувањето на позитивните вредности и во јакнењето на соработката и разбирањето меѓу народите и државите.
Во своето обраќање, Епаинете Сенде истакна дека мирот треба да претставува основна политичка цел на секој одговорен лидер. Тој посочи дека вредностите на мирот, толеранцијата и соработката се од суштинско значење во справувањето со современите глобални предизвици. Притоа беше нагласено дека ниту една држава не може самостојно да одговори на сите предизвици на денешницата, поради што е неопходна меѓународна соработка и заедничко делување. Во таа насока беше истакната улогата на Меѓународниот парламент за толеранција и мир како платформа за промоција и унапредување на овие универзални вредности.
По воведните говори се отвори плодна дискусија помеѓу претседателите и заменик-претседателите на парламенти и генералните секретари на меѓународните парламентарни собранија.
фото Собрание
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...