Во општина Чаир денеска со пригодна церемонија се отвори Паркот Украина, пред општинскиот објект, во организација на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, во соработка со украинската Амбасада во Република Северна Македонија.

На настанот присуствуваше и украинската Амбасадорка, Н. Е. Лариса Дир со делегација, претседателот на „Лесја Украинка“, пратеници, советници од Општина Чаир, а на зелените површини од паркот седеа ученици од основните училишта со украински и македонски знаменца, во знак на поддршка на украинските деца.

Церемонијата на промовирањето на Паркот Украина, започна со интонирање на химните на Република Северна Македонија и Украина.

Настанот го отвори градоначалникот Ганиу, со пригоден говор, а потоа ја покани Амбасадорката Дир на говорницата.

„Денеска се собравме тука за едно многу важно дело, не само за Чаир, туку и за целата држава. Бидејќи денеска, го промовираме паркот „Украина“, веднаш до зградата на нашата општина, во непосредна близина на плоштадот “Вудроу Вилсон“, и на една од најфреквентните места во Скопје. Сакаме да ја пренесеме пораката, дека сите сме со Украина и со украинскиот народ, со нив сме од почетокот на војната, и сме против агресијата врз нив. Војната не е решение за ниту еден проблем, уште помалку, убивањето невини цивили. Бидејќи, со војна не можеме да го промениме светот кон подобро, туку со мир. Затоа ви ја пренесуваме пораката дека секогаш ќе бидеме со Украина и со украинскиот народ, исто како и нашите пријатели од ЕУ и САД. Отсега, секој што ќе помине низ овој парк, ќе се потсети на Украина и Украинците“, рече меѓу другото градоначалникот Ганиу.

“Денес, на седми јуни, се собравме во овој прекрасен парк во општина Чаир, да му го доделиме името „Украина“. Овој предлог на градоначалникот на општина Чаир, беше одлична вест.Оваа инспиративна понуда беше многу контрастна, во споредба со вестите што секојдневно ги добиваме од Украина. Русија продолжува да врши геноцид на територијата на Украина, убива Украинци, го тероризира цивилното население, насилно депортира украински деца од привремено окупираните територии на Украина, во териториите на руската Федерација. Никогаш не помислив дека нашите, украински деца, ќе бидат деца на војната! Државата терорист, Русија, мора да биде поразена, целиот демократски свет и помогна на Украина. Северна Македонија е една од оние држави која меѓу првите и помогна на Украина. Украина и е благодарна на Северна Македонија за укажаната хуманитарна и воена помош, постојаната поддршка во меѓународните организации, и поддршката на евроатлантските аспирации на Украина. Денес имаме можност да добиеме од општина Чаир на град Скопје, морална и духовна поддршка, која е бесценета“, рече Н. Е. Лариса Дир меѓу другото во својот говор.

Плочата со името „Парк Украина“ ја открија заедно градоначалникот Ганиу и Амбасадорката Дир, а потоа Дир им подели подароци во форма на пакетчиња на учениците кои со своето присуство им оддадоа почит на украинските деца.

Н. Е. Лариса Дир им дели подароци на учениците од Чаир, 7 јуни 2023 фотографија: ЦИВИЛ
На настанот учествуваа и членовите на ЦИВИЛ, кои со своето присуство ја искажаа својата постојана безрезервна поддршка кон Украина и украинскиот народ.

Д. Тахири

Камера и монтажа: Ариан Мехмети

Фотографии: ЦИВИЛ