Креирањето на силен систем за социјална заштита кој ќе испорача вистинска грижа за најранливите категории на граѓани, а истовремено ќе обезбеди и спречување на злоупотреба на истиот е приоритет кој Министерството за социјална политика, демографија и млади го постави како врвен приоритет со доаѓањето на оваа Влада.

Ги земаме предвид наодите од извештајот на Државниот завод за ревизија и сметаме дека токму ваквите констатации ја потврдуваат потребата од длабоки системски промени во областа на социјалната заштита.

Констатираните  слабости и недоволните автоматизирани механизми за контрола  воспоставени во претходниот период, навремена размена на податоци и целосна координација меѓу институциите беа предмет на ревизија на претходниот  системот преку кои се исплаќаа паричните надоместоци во 2024 година.

Овој систем не овозможуваше размена на податоци  со сите релевантни институции во реално време, ниту имаше автоматизирани контролни механизми кои нема да дозволат остварување и исплата на лица/семејства/домаќинства кои не се во социјален ризик. Но, истовремено доколку не постоеше истиот немаше да постои можност за откривање на било каква недоследност.

Оваа раководство уште од преземањето на одговорноста ги детектираше овие предизвици и работеше токму на нивно надминување, со цел да се воспостави модерен, дигитализиран и поефикасен систем кој ќе спречи злоупотреби, ќе обезбеди поголема контрола, ќе ги заштити јавните средства и ќе ги насочи кон најранливите на кои им е најпотребно.

Бидејќи нашата цел не е само да ги констатираме слабостите, туку да создадеме систем кој ќе биде насочен кон најранливите а во исто време ќе ги заштити јавните средства  кои мора да се користат одговорно и транспарентно, министерството веќе  има преземено конкретни чекори и од месец мај сите центри за социјална работа функционираат во новиот систем, кој овозможува размена на податоци во реално време, подобра обработка на податоците, поефикасни контроли и навремено откривање на неправилности.

Имено преку  новото софтверско решени – SWIS се обезбедува единствена платформа за работа на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Заводот за социјални дејности, центрите за социјална работа, давателите на социјални услуги и инспекциските органи. Со тоа се воспоставува современ, интегриран и податочно управуван систем кој овозможува поголема ефикасност, транспарентност и квалитет во обезбедувањето на социјалната заштита.

Истовремено, SWIS ги опфаќа сите клучни процеси во надлежност на институциите од областа на социјалната заштита, вклучително, администрација на правата на парични надоместоци од областа на социјалната и детската заштита, од поднесување на барањето до донесување на решение, водење случаи за корисници на социјални услуги и постапки во рамки на јавните овластувања утврдени со закон, постапки за лиценцирање на стручни работници во дејноста социјална заштита, постапки за лиценцирање на даватели на социјални услуги, надзор над вршењето на дејноста социјална заштита, инспекциски надзор над примената на законите и прописите во областа на социјалната заштита, постапки за обезбедување и следење на социјални услуги од овластени даватели, постапки по жалба и второстепено одлучување по предмети од областа на социјалната и детската заштита.

Придобивките од новиот систем се евидентни  бидејќи преку националниот систем за интероперабилност е воспоставена сигурна и ефикасна размена на податоци преку веб-сервиси помеѓу SWIS (новиот софтвер) и повеќе релевантни институции, меѓу кои Министерството за образование, Министерството за здравство, Министерство за внатрешни работи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, судовите, Управата за јавни приходи, Управа за водење матични книги и Агенцијата за катастар на недвижности.

Интегрирањето на податоци од различни административни извори овозможува во реално време да бидат достапни околу 90% од информациите потребни за донесување одлуки. На тој начин проценката на исполнетоста на условите се темели на сеопфатни, точни и ажурирани податоци, а истовремено се намалува потребата од доставување документи од страна на граѓаните.

Вака поставениот систем  и формирањето на  централизирана база на податоци значително ја подобрува точноста на информациите и ја намалува можноста за грешки при обработката на предметите. Истовремено, овозможува подобро таргетирање на корисниците и поефикасни механизми за откривање и спречување на злоупотреби, измами и коруптивни практики.