Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) упати апел до граѓаните на Северна Македонија кои престојуваат на територијата на Руската Федерација, да ги искористат сè уште расположливите комерцијални летови, копнени и морски линии за напуштање на таа земја.

Како што соопштувааат од МНР, апелот е поради одлуката на ЕУ и другите европски земји, вклучително и Република Северна Македонија, за затварање на европскиот воздушен простор за руските авиопревозници.

„Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авио линиите од и кон Русија“, се вели во соопштението на МНР.

Исто така Министерството ги повикува сите државјани на Северна Македонија, кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација „да се воздржат од патувања кон истата.“

Од Министерството за надворешни работи наведуваат дека ги следат одблиску состојбите и дека се во постојана комуникација со партнерите и сојузниците на земјава, односно дека на дневна основа со нив разменуваат информации и анализи за актуелните состојби.

МНР наведува дека за поддршка на државјаните на Северна Македонија кои моментално се наоѓаат во Руската Федерација, стојат на располагање следните телефонски броеви на Амбасадата: фиксен телефон: + 74 99 124 33 57 и мобилен: + 79 58 643 34 63.

Дополнително, државјаните на Северна Македонија може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и е-меил адресата: globalsos@mfa.gov.mk.

МНР ги известува сите граѓани на Северна Македонија кои се наоѓаат во или надвор од државата, да ги следат и да се информираат само од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва.

„Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Русија и навремено ќе информира за евентуални дополнителни насоки за постапување на нашите државјани“, се вели во соопштението на МНР.

Рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари нареди воена операција во Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација.

Борбите се водат во неколку украински градови, меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харков.