Изјава на премиерот Христијан Мицкоски:
„За мене претставува огромна чест што мојот драг пријател и колега, претседателот на Владата на Албанија, г. Еди Рама, е денеска овде со мене.
Би сакал на самиот почеток на овој денешен значаен настан за двете земји, на нашите сограѓани Албанци, но и генерално на Албанците, да го честитам Денот на албанската азбука — ден којшто за мултиетничка држава како што е нашата значи многу и додава вредност во кохезијата којашто ја имаме во нашето општество. Нека е честит денот и нека е со многу успеси и за арно да е.
Сега би сакал да кажам неколку збора за самиот денешен настан. За нас претставува задоволство што можеме да го отпочнеме овој начин на соработка помеѓу двете земји, помеѓу Албанија и Македонија, бидејќи „One stop shop“ системот ќе го олесни транспортот на патници. Слушнавте, неколку милиони годишно го поминуваат овој граничен премин, а на тој начин дополнително ќе ги доближи и онака блиските две земји, Македонија и Албанија.
Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини коишто ги имаме со нашиот западен сосед, Албанија, и на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата. А исто така, беше кажано при оној воведен дел, презентацијата како сето ова ќе функционира, „One stop shop“ системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал коишто го имаат двете земји. Кога зборувам за двете земји, тука мислам на Охридското крајбрежје, Охрид и Струга, како и останатите општини кои гравитираат, и секако морето во Албанија.
Би сакал на крај да му се заблагодарам на министерот за внатрешни работи, на колегите од Владата, на вработените од МВР, царината и сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект, и би сакал да изразам голема благодарност до мојот голем пријател, претседателот на Владата на Албанија, г. Еди Рама, за неговата лична поддршка што ја даде да ова денеска стане реалност.“