Памфлетите и соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ со кои се бара моја оставка немаат основа во реалноста и во наводите. Сите лица кои опозицијата ги споменува се под контрола на системот, имаат статус што судот го определил и кога имало потреба да се движат тоа го прават под надзор и со дозвола од судот, одговори министерот за правда Бојан Маричиќ, гостувајќи на Сител телевизија, прашан за обвинувањата на опозицијата дека криминалците не се зад решетки. Министерот потенцира дека во демократските држави е нормално луѓе со здравствени проблеми во затвор или притвор да бидат прегледани од лекар.

-Во однос на конкретниот случај со Кичеец… Неговиот прекин во извршувањето на казната е даден врз основа на медицинска документација, од страна на Управата за извршување на санкции. Таа е должна да се грижи и за здравјето и за безбедноста на затворениците. Во моментот кога се случи сообраќајката Кичеец веднаш е лишен од слобода и од болница е однесен во Обвинителството на распит, потоа префрлен во затворот во Шутка, а Апелацискиот суд во Гостивар го укинува притворот и го враќа Кичеец на издржување на казната затвор во Струга. Затворот во Струга по дисциплинска постапка му го одзема третманот којшто го имал дотогаш во отворениот дел од затворот и веќе ги нема погодностите што ги имал претходно, нагласи Маричиќ.

Тој увери дека нема отстапување од законите и дека системот функционира.