Денес во Владата на Република Северна Македонија се одржа првиот од двата состаноци на ИПА Програмската мисија за 2023-2024 година, на кој присуствуваа претставници на Генералниот директорат на Европската Комисија за соседство и преговори за проширување и претставниците на министерствата.

Свое воведно обраќање имаше домаќинот на настанот, вицепремиерот задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ во кое истакна дека веќе е започнато програмирањето на Акциската програма за 2023 год. во рамките на ИПА III, што вицепремиерот Маричиќ го гледа како можност плус за финансирање на националните инвестициски приоритети, кои се во согласност со економскиот и инвестицискиот план, како и Зелената агенда.

– Процесот на програмирање ќе резултира со добро осмислена програма од близу 108 милиони евра, што е во согласност со инструкцијата за добивање +20% од доделените средства во 2021 година, рече на состанокот Маричиќ додавајќи дека ИПА фондовите носат големи придобивки за граѓаните и несомнено тоа е една од најуспешните приказни на процесот на европска интеграција, додаде Маричиќ.

Своја презентација на состанокот имаа и гостите, кои во текот на првиот ден од оваа мисија, колеги од ДГ НЕАР, информира со најновите случувања на правилата и процедурите на ИПА. Утрешниот ден ќе биде посветен на презентации на нашите институции за приоритетните проекти кои се релевантни и зрели да бидат предложени во рамките на Годишната акциона програма за 2023 година.

Вицепремиерот и Национален ИПА координатор на состанокот укажа на чекорите што беа преземени во претходниот период со цел да се даде рамка на дијалогот за креирање политики што треба да ги обликува не само програмите на ИПА, туку и другата донаторска помош.

Целта на мисијата е размена на мислења за Инструментот за претпристапна помош – ИПА III, првенствено за правната рамка и институционалните барања, како и инструкции за критериумите за подобност и комплементарноста на регионалните ИПА програми, вклучително и WBIF.