„Секоја криза треба да претставува и можност. Ние веќе почнавме со имплементација на големите стратешки проекти особено во обновливи извори на енергија“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Делфи економскиот форум.

Тој додаде дека минатата недела е пуштена во употреба првата фотоволтаична централа, што ќе дава производство на 15 до 17 гигават часови на електрична енергија.

„Веќе се во подготовка и практично во фаза на почеток на изградба уште две такви централи по 50 мегавати, на истото место. Едната ќе биде градена од турски Фортис, другата од бугарски Соларпром големи компании во таа област, коишто на база на јавно – приватно партнерство ќе треба 18 односно 18,5 проценти од приходите од тие централи да го предаваат на ЕСМ, со што државата ќе има годишно 1,5 милиони евра приход“ кажа Ковачевски.

Тој додаде дека дополнително ЕСМ ќе започне со изградба на уште една десетмегаватна централна, што значи дека она што се произведуваше од јаглен во Осломеј, ќе биде целосно заменето со производство на електрична енергија од обновливи извори.