Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Домот на културата во Прдејци има исклучително значење за една локална заедница, при посетата на гевгелиско. Според него, ваквите објекти како Дом на културата кој е целосно реновиран со владини средства од проектите на ТАВ, претставуваат споменици кои го чуваат наследството и во кои е впишан значаен дел од историјата со години наназад.

-Впрочем, смислата на вложување во културата треба да се бара во градењето општество во кое сите подеднакво ќе учествуваат во создавањето на културните вредности и сите ќе имаат пристап до нив како консументи. За жал, домовите на културата кои беа симбол на подемот на културата во еден некогашен систем, низ годините доживеаја немила судбина да бидат напуштени и заборавени од неодговорното и расипничко однесување на претходната власт, рече Ковачевски.

Тој додаде дека овие сврталишта на многу генерации, поради мегаломанските зафати на претходната власт, особено во главниот град, но и во помалите места, останале целосно разнебитени и напуштени, без никој да води вистинска грижа за нивното значење и наследството што го имаат.

-Затоа, токму овде од Прдејци, од пред овој важен објект кој сега е целосно обновен, сакам да им порачам на опозицијата, реновирањето да не си го препишуваат како лична заслуга и да не се обидуваат да ја манипулираат јавноста, китејќи се со нешто за кое немаат дадено никаков придонес. Граѓаните знаат да препознаат вистинска грижа и одговорно однесување и тоа го гледаат во сите мерки, политики и проекти кои ги реализираме во изминатите пет години, истакна Ковачевски.

Премиерот додаде дека со реконструкцијата која што завршила на почетокот на летото, Домот на култура во Прдејци во Општина Гевгелија, добиен е модерен, функционален повеќенаменски објект пристапен за сите, кој ќе го збогати квалитетот на живот во местото.

-Овој капитален проект од огромно значење за локалното население, го реализиравме преку владината програма со пренаменетите средства од ТАВ во висина од 211 илјади евра. Овие финансии се искористени за целосна внатрешна и надворешна реконструкција со што добивме модерен и целосно енергетски ефикасен објектот. На овој начин во време на енергетска криза обезбедуваме рационално искористување на електричната енергија, подобри услови за вработените, но и за посетителите. Проектите од ТАВ програмата, меѓу кои е и овој Дом на културата, се пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори. Тоа се реални проекти за секојдневните, реални потреби за граѓаните. За поврзување на населените места, обезбедување на квалитетно и континуирано водоснабудување, како и подобрување и модернизирање на содржини средени за граѓаните да добијат поквалитетен живот во местата каде живеат, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата во соработка со ТАВ реализира инфраструктурни проекти низ целата држава, во сите плански региони.

-Вкупна вредност за сите 94 инфраструктурни проекти изнесува 49,7 милиони евра. Голем дел од проектите се завршени, а дел се во завршна фаза. Тоа значи дека и во време на светска економска криза ние остануваме цврсто на нашата стратешка определба – интензивни вложувања во инфраструктурата на локално ниво, што значи подобар живот. Затоа што кога велиме дека градиме европска држава, пред сè мислиме на европски квалитет на живот и европски животен стандард за сите граѓаните, овде дома, заклучи Ковачевски.