„Основната разлика е што СДСМ се определи да ги врати парите кај граѓаните и да инвестира во образование и инфраструктура, а не во барок, стиропор и фонтани како ВМРО-ДПМНЕ“, кажа во своето обраќање заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски, на партиската трибина на СДСМ во Крушево. Тој кажа дека ваквиот став го темели на бројки.

-Кога дојдовме на власт минималната плата изнесуваше девет илјади денари, а сега е за шест илјади денари повисока. Сега просечната плата е над 28 илјади денари, односно пет илјади повеќе откако СДСМ ја предводи државата. Пензиите се качија за две илјади денари. Преку МојДДВ вративме 36,5 милиони евра назад кон граѓаните. Воедно, ние, за разлика од опонентите, инвестираме во нешто што ќе ни значи, а тоа е инфраструктурата, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека за време на четирите години владеење се изградени една третина повеќе училишта отколку во десетте години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а истото важело и за градинките.

-Така е и по прашањето на патиштата. Ние за четири години изградивме 1040 километри патишта, а ВМРО-ДПМНЕ за десет години власст изгради 600 километри патишта. Но, тие за секој километар плаќаа сума ко за уште еден километар, пари кои одеа во реклами за власта, додаде Ковачевски.

Заменикот министер за финансии од Крушево потсети дека сите меѓународни институции потврдуваат дека државата добро се справила со кризата и на здравствен, економски и на социјален план.

-Вбризгавме 1,2 милијарди евра кон стопанството и граѓаните со минимални приходи. За компаниите обезбедивме четири кредитни линии за да ја задржат ликвидноста, заклучи Ковачевски, додавајќи дека СДСМ успеала да постигне и рекордна ниска стапка на невработеност, од 16%.