„Предлог Буџетот за следната година треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за понатамошен забрзан економски раст. Овој буџет е точката од која тргнуваме на еден нов пат на кој, како и досега, успешно ќе ја менаџираме кризата и последиците од неа, но и ќе овозможиме сигурно закрепнување и раст на животниот стандард“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.

Тој додаде дека фокусот на предлог буџетот е во справување со последиците од кризата и поддршка на најранливите, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на процесот на ЕУ интеграции, како и транспарентност и отчетност.

„Обезбедени се средства за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека за антикризни мерки во новиот буџет се издвоени 250 милиони евра што значи продолжување на владината поддршка за борба со кризата.

„Предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение. Предвидени се и зголемувањата на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени“ рече Ковачевски.