Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изврши увид во работата за санација на покривната конструкција на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во изминативе два месеца активно се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот.

„За оваа неопходна санација и реконструција на една од најзначајните институции за науката и културата во нашата земја, Министерството за култура досега одвои околу 30 милиони денари. Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 проценти од одобрените средства, односно 16.827.443,00 денари“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

За време на увидот, директорот на НУБ, Рахметула Куќи, и министерката Костадиновска-Стојчевска дискутираа и за актуелните предизвици со кои се соочува оваа институција чиј објект претставува архитектонско ремек-дело на еден од најзначајните македонски архитекти, неодамна починатиот Петар Муличковски. Годинава симболично, со неговата смрт и почетокот на реконструкцијата на старата зграда на НУБ, се навршува точно половина век од нејзиното официјално пуштање во употреба.

Министерката Костадиновска-Стојчевска и директорот Куќи го потенцираа и повеќедецениското неоправдано запоставување на оваа наша најголема ризница на знаење и ги искажаа своите заеднички идни заложби, но и заемното задоволство што таквата практика веќе станува минато. Потврда за тоа се подобрените работни услови за вработените, како и интересот на неколку домашни угледни компании и дипломатски претставништва да дадат свој придонес во враќањето на сјајот на оваа клучна институција од областа на културата и образованието.
Директорот Куќи ја актуализираше потребата од зголемување на бројот на стручниот кадар, како и потребата за набавка на нова современа опрема во Центарот за дигитализација при НУБ, потребна за едукација и надградба на знаењата на новите млади генерации корисници.
Mинистерката за култура уште еднаш ја потенцираше својата заложба оваа монументална и значајна институција, која е и една од првите институции основана со одлука на АСНОМ во 1944 година, повторно да го врати својот сјај и да стане водечко збирно место за младите и прогресивни студенти, истражувачи и културни дејци.

„Ние сме тука да ја подобриме сегашноста во оваа институција, институција која може да ни понуди најточен и најдобар поглед кон посветлата иднина преку своето знаење, преку сето културно и историско искуство и богатство кое е акумулирано во депоата на оваа наша најголема библиотека“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, продолжува и следната година.