Обраќање на министерката за култура Бисера Костадиновска преку социјалните мрежи:

Со јасно признание и прифаќање на македонскиот идентитет, ЕУ секојдневно ни потврдува дека имаме јасна перспектива и можности за развој, еднакви со сите други во европското семејство. И ние со нашето членство во НАТО секојдневно потврдуваме и пред себеси и пред светот дека сме стабилна и развојна држава и со тоа уживаме сѐ поголема почит и повеќе можности од демократскиот свет. Гордост е да си дел од овие големи светски семејства, заедно со најсилните и најразвиените.

Пред нас стои нова, огромна шанса, но и сериозна обврска. Шанса за нашите млади за само неколку години да станат граѓани на ЕУ и да уживаат буквално еднакви можности со нивните врсници во Унијата. Тоа значи живеење дома, работење од дома, а сепак во ЕУ. Целосна слобода за движење и работа во сите земји од ЕУ, офлајн или онлајн, носење нови искуства дома, сериозно повисоки стандарди на живот и просперитет за сите.

Нашата обврска како политичари, како граѓани, како родители, како министри и пратеници е јасна.
Да овозможиме нашите млади кои денес се Европејци, утре да станат и жители на ЕУ и да живеат целосно европски без да мора да се селат од својата татковина и без да мора да ги напуштаат своите фамилии. Да ја уважиме и волјата и силната определба на нашиот народ и особено на нашата младина и гордо да си потврдиме дека ние сме Европа и дека можеме да ги направиме финалните чекори за влез во ЕУ.

Да се посветиме на заедничките цели и низ учество и поблиска соработка да ги отфрлиме делбите меѓу нас и заеднички да си ја обезбедиме нашата стабилна и просперитетна иднина. Нашата шанса е наша обврска, а не прашање на избор. Кога е во прашање иднината на македонската младина, изборот е еден – Европа, ЕУ и подобро утре.