„Не дозволувајте сејачите на магла од Белата палата да манипулираат дека тие владееле подобро. Кое е нивното подобро? Дали се повеќе од една и пол милијарда евра потрошени за криминалниот проект Скопје 2014 која ние моравме да ги враќаме? Дали нивното подобро се заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти? Тоа ли е нивното подобро?“ праша претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Крушево.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ вложуваше во жални врби, додека СДСМ вложува и ќе продолжи да вложува во граѓаните.

„Сетете се кој го слушаше гласот на граѓаните, а кој се обидуваше да ги замолчи. Кој владееше демократски, а кој авторитарно. Кој гради европска иднина, а кој продава лажно минато за лично да се богати и да профитира“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ако десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ, гордиот наследник на Груевски, добие преголема моќ, тогаш тоа ќе ги убие нашите европски перспективи.

„Доволно долго седевме во чекалната за Европа и верувам никој од вас не сака пак да се вратиме таму. Уште повеќе сум сигурен дека ниту еден граѓанин не сака да се вратиме повеќе од 20 години наназад и повторно да се распалат меѓуетничките тензии. Но, очигледно ВМРО и ДУИ се подготвени и на тоа само за да соберат некој политички глас плус“ рече Ковачевски.