Приказната за Јорде Јованов од Демир Капија и неговата ракија, го инспирира и поттикнува секој човек да ја следи својата страст. По професија финансиски советник и осигурителен брокер, Јорде, кој има завршено Машински факултет, својот апетит за слобода и моќно живеење, го задоволува правејќи ја неговата ракија V’K. Агротим разговараше со Јованов за идејата, почетоците и сето она што за него претставува производството на ракија.

„Моето семејство традиционално со години одгледува лозје. Семејната традиција на производство на ракија трае повеќе од 70-80 години. Коренот на идејата е тука. Пред 7-8 години, почнав рекреативно да правам ракија, со цел да „избегам“ од градскиот метеж. Семејното искуство, читајќи многу за начинот за одгледување на грозјето, за дестилацијата, за изборот на буриња, како и законот за акцизи што стапи на сила во 2020 година, спонтано ја наметна идејата за брендирање на производ.“

Производството е традиционално. Македонско сонце, благо демиркаписко грозје од сопствени лозови насади, традиционално занаетско производство на вински дестилат, добри дабови буриња и време. Така семејството Јованови го заокружуваат процесот на производство на ракијата. Лозовите насади се наоѓаат во месноста Дрен и месноста Прждево, Демиркаписки регион, Тиквешко виногорје.

„V’K Fine Craft Rakija, e ракија со изразено полн вкус, силна дистинктивна арома и карактер. Подготвена е без додадени вештачки адитиви и ароми и вештачки супститути на шеќер од добро одгледано демиркаписко грозје кое и ја дава нејзината автентичност и специфика. Во однос на пласманот и продажбата, во рамките на капацитетот и финансиските можности кои секогаш се најважната алка за успех во бизнисот, вложувајќи голем труд и ангажираност засега ги следиме очекуваните параметри.“, вели Јованов.

Зошто името В’К?
„В’К е дијалектичкиот изговор на зборот волк во Тиквешкиот Регион. Силата на волкот укажува на апетит за слобода и моќно живеење, воден од инстинктите. В’К ракија ве повикува да го живеете животот слободно, а луѓето водени од својот инстинкт за опуштеност, пожелно е да се релаксираат со чашка ракија.“, објасни Јорде.

Ракијата V’K ја има во малопродажни места во Скопје, ресторани и специјализирани продавници за алкохол, а од неодамна семејството Јованови има и нов производ, ракија од лаванда.

„Ракијата V’K Лаванда е подготвена со процес на мацерација на вино Вранец и цветови од лаванда. Многу е важен е нивниот сооднос, затоа што лавандата е многу ароматично растение со силен мирис и многу етерични масла и многу е сложена при производство на чист дестилат. Малку поинаков сооднос и ќе се добие дестилат со мирис на парфем кој не би бил пријатен за консумација. Дестилацијата е во традиционален казан, каде што се дестилира и останатата V’K ракија, на ист начин, вадиме дестилат со силен процент на алкохол, околу 65+ степени. Потоа одлежува и финално се подготвува.“

Го прашавме Јованов како успева во вкусот на ракијата да ги сочува, како што вели, сите автентични својства на грозјето?

„Користејќи исклучиво наше грозје, со карактеристики на тероарот кои на ракијата и даваат препознатлив карактер, но и занаетска дестилација. Исто така, богатите природни ресурси и климатските услови и даваат интензивна арома на нашата ракија, како резултат на комбинираното влијание на медитеранска и континентална клима.“, објаснува Јованов, кој планира да ја искористи поддршката од МЗШВ за мали дестилерии и да го прошири производство со два нови производа, за што ќе ни раскаже во следната прилика.

извор Агротим.мк