Граѓаните извојуваа победа од кавгата на релација Данела Арсовска – Ленин Јовановски, кои започнаа откако градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ се впуштија во меѓусебни обвинувања за криминали во Градот.

По притисокот на граѓаните, нивната гласност на социјалните мрежи, но и притисокот од медиумите и предлозите кои утринава пристигнаа од Владата и премиерот, доскорешниот поддржувач на градоначалничката Данела Арсовска, директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски попушти и ја прифати понудата за дијалог, која ја предложи Димитар Ковачевски.

Жителите на Скопје по подолг период сега веќе нема да сведочат на блокадите на главните булевари во градот. „Ќе му се даде простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски“, информира попладнево во изјава за медиумите Јовановски, по што следуваше отстранување на блокадата на приватните превозници, кои се повлекоа од „Илинденска“.

Ова барање на жителите на Скопје се оствари откако претходно премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ќе го прифати барањето на приватните автобуски превозници од Скопје за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и откако тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.

Па така, граѓаните извојуваа победа од тензиите на релација Арсовска-Јовановски, кои започнаа откако градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ се впуштија во меѓусебни обвинувања за криминали во Градот.

На дијалогот му се даде простор откако претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според Муриќ, можно е да се радикализираат протестите, на што премиерот одговори:

-Можам да кажам: „да“, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид, истакна Ковачевски.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.