„Она што е важно за општина Аеродром е реорганизација на комуналните служби и подобрување на условите за работа на административците, но и функционалноста на администрацијата. Таа треба да стане сервис на граѓаните, да немаат недоверба во неа“ кажа кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ и коалицијата, Александар Филиповски на дебатата на МТВ.

Тој додаде дека има доволно знаење и искуство од работата во приватниот сектор и смета дека може да помогне во модернизација на администрацијата.

„Имам доволно знаење и познавање на работите што се случуваат и на процесите, без разлика дали е приватен бизнис или јавен сектор. Имам знаења кои можам да ги пренесам за да ставиме крај на одговор од административец кон граѓанин ‘не е моја надлежност’. Општината треба да биде серивс на граѓаните и заедно со нив ќе ги лоцираме и решаваме проблемите за подобра општина“ рече Филиповски.

Тој најави дека ќе ги продолжи успешните проекти на сегашниот градоначалник, но најави и дека ќе работи на системско решавање на загадувањето во општината.

„Голем дел од загадувањето во Аеродром е сообраќајниот хаос. Затоа сакам да потенцирам дека се гради новиот мост Михајло Апостолски, што ќе го релаксира делот околу железничка и ќе придонесе за почист возуд. Исто така мора да размислуваме и за субвенционирање на руралниот дел од општината за инвестиции во енергетски фасади, печки на пелети, инвертери“ кажа Филиповски.