Престедателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, нагласи дека реконструкцијата на Владата не носи никаква суштинска промена ниту пак каков било бенефит за граѓаните. Филипче посочи дека станува збор за формална замена на имиња, без промена на политиките што изминатите две години доведоа до осиромашување, изолација и влошување на квалитетот на живот.
„Замената на луѓе во ресорите, замената на различни имиња е нешто што е небитно. Тоа е замена на Курто со Мурто и ништо друго. Граѓаните нема да видат ама апсолутно никаков бенефит од оваа Влада која што ја води Христијан Мицкоски. Се ќе биде статус – кво, односно квалитетот на живот на граѓаните ќе се намалува, посебно од септември кога ќе почнат есенските месеци. Ќе биде се потешко да се живее“, рече Филипче.
Тој додаде дека реконструкцијата не претставува нов почеток, туку продолжување на истиот процес што веќе две години ја турка државата во погрешна насока.
„Оваа реконструкција не е ништо друго освен едноставно континуитет на процесот кој што е започнат пред две години. Осиромашување на земјава, богатење на поединци, изолација, слепо црево на Балканот и во Европа додека регионот оди напред и напредува“, рече претседателот на СДСМ, Филипче.
фото СДСМ
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...