„Пензионерите, работниците и младите се излажани и оставени сами во криза“, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во емисијата 360 степени.

Филипче потенцираше дека за две години власта не покажа резултати што би им го олеснило животот на граѓаните.

„Кажете ми еден сектор, една категорија на граѓани, освен овие во власта, коишто се задоволни од овој тип на владеење. Пензионерите, како се задоволни? Излажани се луѓето. Добиле зголемување? Не е точно. Не добија соодветно зголемување. Добија два пати линеарно зголемување по две и пол илјади денари, за потоа да им се скратат следните пари. Сега зголемувањето, кое е прашање дали ќе го добијат, треба да биде само илјада денари“, рече Филипче.

Тој посочи дека, според моделот на СДСМ, најниската категорија пензионери требало да добие околу 1.500 денари, а највисоката околу 3.000 денари.

„Украдени им се парите затоа што ги нема во буџетот. Дупката во пензискиот фонд порасна од триесетина на 50 проценти“, истакна Филипче.

Филипче обвини и дека власта предводена од ВМРО нема слух за граѓаните, кои се оставени сами да се справуваат со кризата.

„Работниците и младите се излажани и оставени сами во криза. Земјата ја држат во изолација и продолжуваат со црната пропаганда, додека нивниот фокус се тендерите. Странските инвестиции се намалени за две третини. Луѓе затвораат фабрики, а над илјада луѓе останаа на улица. Тоа го покриваат со пропаганда и не им дозволуваат на луѓето да го кажат својот револт. Кризата удри, а тие не понудија никаква мерка, никаков пакет за помош. Како мислат овие луѓе? Дали вака се води држава? За студенти, за пензионери?“, обвини претседателот на СДСМ, Ванко Филипче.