Единствен виновник за блокираниот европски пат е Христијан Мицкоски, обвини претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција, потенцирајќи дека државата се наоѓа во катастрофална.

„Нацијата и државата се пред колапс и никогаш како сега идентитетот не бил загрозен. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат, поради тоа што паричниците веќе им се празни, исто како и фрижидерите. Нема гордост, како што ветуваа, нема достоинство, како што ветуваа, единствено нешто што оваа власт донесе е неизвесна иднина и бесперспективност,“ потенцираше Филипче.

Филипче обвини дека единствен кривец за тоа што не напредуваме на европскиот пат е Христијан Мицкоски и оваа влада, нагласувајќи дека кога нема резултати, власта создава поделби и конфликти.

„Се тера кампања на конфликти, на поделби, на создавање надворешни непријатели и внатрешни предавници. Извештајот на Европскиот парламент е јасен, остар и недвосмислен – нема напредок на европскиот пат. Изразуваат загриженост за судскиот систем, независноста на судството и обвинителството. Не е постигнат напредок во борбата против корупцијата. Постојат длабоки структурни слабости и негативни трендови во судството,“ потенцираше Филипче.

Филипче нагласи дека ВМРО и Мицкоски се обидуваат да го претстават Европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени, а се користи истата приказна со која е настапија ни изборите 24-та година, дека се тоа големите патриоти коишто ќе одбранат идентитетот и дека Европа е таа којашто го загрозува.

„Патот кон Европската Унија е единствена перспектива за државата и ништо не е загрозено ниту за идентитетот, ниту за јазикот. Тоа е само една голема лага. Единствен кривец за тоа што не напредуваме е Мицкоски и оваа влада,“ рече Филипче.