ЕТМТ Енерџи компанијата која ги купила вишоците на струја кои ги продава АД Електрани на Северна Македонија-ЕСМ од 12 до 17 јануари 2023 година, и тоа по цена од 109 евра за мегават час се продадени 1.440 мегаватчасови, додека пак по цена од 98 евра 540 мегаватчасови.

Тоа е истата фирмата која во 2022 година најмногу купувала вишоци на струја кои ги продава ЕСМ, а според документацијата достапна на интернет страницата на АД ЕСМ, продажба на вишок струја се вршела речиси во сите месеци на 2022 година освен јануари и април, но оваа година продажба има и во јануари .

Заклучно со 13-ти декември произведени се 1.052.000 мегаватчасови електрична енергија, а во истиот период имало вишок од 4.900 мегаватчасови, кои биле продадени по просечна цена од 314 евра по магаватчас. Купувачи на вишоците биле „ЕТМТ Енерџи“ и „Дуферко“.

АД ЕСМ вчера произведе 19.254 мегават часови електрична енергија, со што целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, информираат од Владата.

При тоа, како што велат, во термоелектраните се произведени 13.763, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци 5.491 мегават часови електрична енергија.

-Во изминатото деноноќие АД ЕСМ продаде 330 мегават часови ноќни вишоци електрична енергија.

Цената на Купекс во овој период се движела до околу 140 евра.

Која е компанијата „ЕТМТ Енерџи“ ?
Според податоците од Централниот регистар, „ЕТМТ Енерџи“ е формирана лани во март како подружница на албанската компанија „Енер Траде ШПК“. Како управител на македонското друштво се јавува Фљамона Емини, која, како што покажува историјатот на промени, дошла на местото на Арбен Маргилај.

Официјалните информации од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека компанијата лани на 27-ми мај добила лиценца за вршење на енергетска дејност – трговија со електрична енергија, со важност до 2031 година. Тоа се случува само 2 месеци по нејзиното основање.

Инаку компанијата е поврзана со Артур Мицкај, кој е содружник во друштвото, но уште поинетересно, тој е директор на форумот на млади на социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама. Меѓу другото, во 2013 година Мицкај станува директор на Националната агенција за вработување, каде се задржал до 2018 година.

Продажбата на ноќната вишок струја е законска, но сомнителна
По реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски во септември со цртање на табла објаснуваше колку струја се произведува и како се продава. Според него конкретно вишокот на струја од 2 до 7 часот кој што се продава се врши преку транспарентна и конкурентна постапка, а цената се формира врз основа на добиените понуди.

„На оваа објава за продажба на овие ноќни вишоци може да се јави секое правно лице“, рече Ковачевски и додаде дека ако не се продава вишоците на струја ќе треба да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа АД ЕСМ би имале нула приходи.

Економистите пак велат дека е законски вишокот на струја да се купи за поевтино во земјава, а да се продаде поскапо во Албанија, но според нив она што треба да се истражи е тоа што тој првиот што се јавува, веднаш ја продава струјата, поточно еден ист човек, кој е сопственик на двете компании, по 50 проценти во Македонија и во Албанија, го добива тоа и прави промет.

Компаниите се на слободен пазар
Во брифинг за ЦИВИЛ медиа од Стопанските комори на Република Северна Македонија велат дека нивните компании не се пријавуваат на повиците на ЕСМ бидејќи дел од нивната комора се големи компании и тие купуваат на слободен пазар.

Сепак додаваат дека помалите фирми можат да се пријават но тие пак најчесто не работат во ноќните часови, но можеби е потребно да се изнајде решение.

Соња Танеска

извор: Civilmedia.mk