Британската гарда и оддаде висока почит на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, за време на нејзината официјална посета на Лондон. Еден од гардистите и се обраќа на македонски јазик со што на дело се покажа неговото вреднување од големите западни држави.

„Добар ден ваша Екселенцијо, седмата чета е подготвена“- и вели гардистот на министерката Петровска, а потоа воениот оркестар ја свири македонската песна „Јовано, Јованке“. Со чинот на Обединетото Кралство се потврдува големото пријателство меѓу двете држави и се искажува голема почит кон нашата држава и нашите граѓани.

Инаку, Петровска оствари средба со британскиот државен секретар за одбрана, Бен Валас. Од Лондон ја испратија пораката дека остро ја осудиле инвазијата врз Украина. Но, истовремено ја потврдиле обединетоста на сојузниците и подготвеноста да ја гарантираат безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата. Северна Македонија и Обединетото Кралство се сојузници со извонредна соработка во одбраната која од денеска се зајакнува.

Петровска имаше средба и со Алисиа Херберт, специјална пратеничка за родова еднаквост во британското министерство за надворешни работи, како и со Џорџ Робертсон и Барни Вајт Спунер – пријатели на Северна Македонија и основачи на Охридската група.