„Ве уверувам дека предвремени избори нема да има, а исто така ве уверувам дека на редовните избори, СДСМ и коалицијата повторно ќе победат. Тоа е така бидејќи граѓаните во овој период гледаат и прават разлика кој како владее“ изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Клик плус“ на ТВ21.

Тој додаде дека Владата предводена од СДСМ ќе продолжи со поддршка на ранливите категории, како и по патот на евроинтеграциите.

„Во исто време, граѓаните ќе може да видат и како ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски владее, како што владее во Град Скопје, каде што се скараа за тендер вреден 130 милиони евра и како што ја загубија поддршката и на карпошани и општина Карпош“ рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ изјави дека е проблематично и симптоматично што кавгата на Мицкоски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не беше за концепт или проекти, туку за тендер времен 130 милиони евра.