Во однос на исплатата во законот, сакам да истакнам дека законот е јавно објавен две години веќе и добро е, секој има пристап до интернет да може да го отвори, да го разгледа и да го прочита законот кој што е донесен во Собранието и има програма за финансирање на патната инфраструктура за проектот Коридор 8 и 10Д која што ја има донесено Влада исто така објавена во Службен весник, појанува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА.

– Во Законот стои дека финансиските ресурси за спроведување на проектот се обезбедуваат од буџетот на Република Северна Македонија преку Министерството за транспорт и врски во форма на трансфер во ЈПДП, практично ние веќе првиот трансфер веќе го исплативме до ЈПДП, а согласно програмата која што исто така ја има донесено Владата и е објавена во Службен весник не е тајна и не е нешто што се крие за да се создава некаква нервоза во јавноста бидејќи и ова може да се отвори и да се провери, така што средствата од 117 милиони евра или во износ од 7.2 милијарди денари, 7,254 еве поточно се исплатени кон ЈПДП, оттаму проектно одделение кое што е формирано во ЈПДП работи во директен контакт и комуникација со компанијата Бехтел во реализација на останатите чекори и процедури согласно програмата, согласно договорот и согласно законот за Бехтел. Секој еден проект кој што започнува во државата, дали се работи за инфраструктурен, дали се работи за патишта, железници, градинки..секогаш се пропишува авансна исплата, исплата за мобилизација на компанијата која што ја добила работата и токму поради тоа и во овој договор е истото пропишано. Така што ние веќе влегуваме во реализација, следни се прокетирањата, испитувањата на терен, мобилизацијата на механизацијата, поставување на кампови и граѓаните веќе во наредниот период ќе се уверат во реализацијата, јас сум убеден дека ќе покажеме дека со овој модел имаме подобар начин и реализација и прогрес на изградбата на овие автопатски делници, бидејќи пак ќе повторам, граѓаните за тоа не избрале да ги реализираме проектите кои што се од национално и стратешко значење, 32 години ние се уште зборуваме дали треба да се изградат автопатиштата во државата или не. 32 години зборуваме за патот кон Прилеп, 32 години зборуваме за автопат кон Битола. 32 години зборуваме за патот кон Охрид Коридор 8, а се работи за исклучително тежок терен, посебно во Западниот дел од државата и ние мораме да влеземе во реализација на овие проекти и прашања кои што се од сериозен интерес на граѓаните, истакна Бочварски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата Бочварски потенцира дека пенали во договорот нема.

-Во законот и во договорот и во програмата за исплата точно е утврдено кои се ставките кои што ќе бидат исплатени. Но важно е компаниите да влезат на терен да ги реализираат своите обврски кои што ги имаат према државата. Доколку државата не ги смени законите еве не се донесат законите во Парламентот ние под постојната законска регулатива продолжуваме со работа. И тоа е од исклучително значење да го знаат граѓаните. Ако останеме со оваа законска регулатива продолжуваме со работа. Не е точно дека државата е обврзан да менува закони. Државата, односно Владата, Парламентот и сите институции можат да продолжат со работа согласно постојната законска регулатива. Доколку се променат законите, доколку овозможиме повеќе работа на терен и се овозможи реализација на проектот согласно еве законот за урбанистичко планирање, законот за фазни градење, да се овозможи фазно градење тогаш можеме да секако се увериме дека и побрзо ќе оди и реализацијата на проектот, рече Бочварски.